Правилници

 

ТЕХНОЛОШКА ИНДУСТРИСКА РАЗВОЈНА ЗОНА С К О П Ј Е

ОСНОВАЧ : ВЛАДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ ДИРЕКЦИЈА ЗА ТЕХНОЛОШКИ ИНДУСТРИСКИ РАЗВОЈНИ ЗОНИ

ПРАВИЛА ЗА УСЛОВИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКАТА РАЗВОЈНА ЗОНА "С К О П Ј Е 1" - Скопје

Врз основа на член 34 став 1 од Законот за технолошки индустриски развојни зони ("Службен весник на Република Македонија" бр. 14/2007), Дирекција за технолошки индустриски развојни зони во име на Владата на Република Македонија како основач на Технолошката индустриска развојна зона "СКОПЈЕ 1", на ден 23.04.2007 година ги донесе следните

ПРАВИЛА ЗА УСЛОВИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКАТА РАЗВОЈНА ЗОНА "С К О П Ј Е 1" - Скопје

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1
Со овие Правила за условите за користење на Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1, се одредуваат условите под кои се користи просторот на ТИРЗ ,,СКОПЈЕ 1,, - Скопје за вршење дејност од страна на корисниците како и кои дејности ќе се извршуваат во зоната, внатрешниот ред и мерките за заштита на животната средина и природата.

Член 2
Корисниците-закупувачи на простор на зоната се должни да работат согласно овие Правила и законодавството на Р. Македонија.

II. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ПРОСТОРОТ ВО ЗОНАТА

Член 3
Корисниците на ТИРЗ Скопје 1, објектите и просторот во зоната ќе го користат согласно одредбите на Урбанистичкиот проект за ТИРЗ Скопје 1 и Урбанистичкиот проект (изработен од страна на корисникот) за градежната парцела согласно Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште.

1. ОГРАДУВАЊЕ И КОРИСТЕЊЕ ИНФРАСТРУКТУРНИ УСЛУГИ

Член 4
1. Корисникот во рамките на својот урбанистички блок треба за секој поединечен простор да изврши внатрешно оградување на просторот на ТИРЗ. Секоја внатрешна изградена ограда треба да биде транспарентна, добро одржувана со поставување на обезбедување според одобрението добиено од основачот.

2. Пресметка на потрошената вода од страна на корисниците се врши преку инсталирани водомери, чие поставување е обврска и на трошок на корисникот.

3. Пресметката на потрошената електрична енергија од страна на корисниците се врши преку струјомери, инсталирани од страна на корисникот.

4. Пресметката на потрошениот гас од страна на корисниците се врши преку инсталирани мерни инструменти МРС која корисникот е должен сам да ја инсталира.

5. Искористената вода, потрошената електрична енергија и потрошениот гас, Корисникот треба редовно да ја плаќа согласно состојбата на инсталираните мерни инстументи, а по добивање на сметка.

6. Корисникот на зоната-потрошувач пред да ги испушти отпадните води во примарната канализациона мрежа (колекторите), треба да изврши третман, пречистување на истите во соодветни пречистителни станици, који корисникот треба да ги изгради. Преку примарната канализациона мрежа отпадните води веќе пречистени ќе се испуштаат во најблискиот рецепициент согласно Урбанистичкиот Проект.

2. ОДРЖУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА

Член 5
1 Корисникот на зона е должен да му плаќа на Закуподавачот месечен надоместок согласно Тарифникот за надоместоци за извршени услуги на корисници донесен од страна на основачот, кој претставува составен дел на Договорот за вршење дејност склучен помеѓу оснивачот и корисникот на зоната согласно член 33 од Законот за ТИРЗ и составен дел на Правилата на основачот согласно член 34 од Законот за ТИРЗ, на име и по основ на:

- одржување на јавните површини и инфраструктурата во составот на јавните површини, а во границите на зоната;
- одржување на уличното осветлување на јавните површини во зоната;
- обезбедување на границите на зоната;
- 24-часовна контрола на главниот влез на зоната и обезбедување на услови за работење на Царинските и даночните служби;
- други ненаведени услуги од заеднички интерес за нормално функционирање на зоната

2. Корисникот на зоната месечниот надомест за одржување на инфраструктурата треба да ја плаќа со почетокот на вршењето на дејноста во зоната, согласно Договорот за вршење на дејност.

3. ГРАДЕЖНИ ПРОЦЕДУРИ

Член 6
1. Фазна изградба на просторот
По регулирањето на закупот на просторот, закупувачот треба да добие дозвола да ја отпочне изградбата пред основното завршување на инфраструктурата на ТИРЗ.
Закупувачот - корисник ќе го користи просторот според овие правила донесени од основачот, под надзор на проект менаџерот одреден од основачот, како и според прописите за времен пристап, времено снабдување со електрика, вода, сигурност и безбедност.
Закупувачот- корисник ќе ги изгради сите потребни времени влезови во просторот на локација и на начин одобрен од основачот, а по завршувањето на инфраструктурата во ТИРЗ, ќе ги отстрани споменатите влезови на начин прифатлив и усогласен со Основачот.

2. Рекогностицирање на земјиштето во просторот.
За изградба на стабилни и цврсти згради и други објекти, приземни или повеќекатни Закупувачот е должен, за своја сметка, да ангажира специјализирана инженерска фирма за рекогносцирање на земјиштето и точно утврдување на условите на земјиштето (вклучително и тестови).

3. Закупувачот - корисник и изведувачот на градежните работи на закупувачот се должни да ги чуваат, одржуваат и заштитуваат сите локации, земјиштето, патиштата, тротоарите, оградите, парапетите, каблите и се друго што е изградено во Индустрискиот парк (згради, настрешници, мостови и други градби ) при изведувањето градежни работи во закупената недвижност и веднаш да го поправат расипаното од страна на својот изведувач или нив самите.

4. За да се гарантира доследното извршување на обврските од точка 3 по потпишувањето на договорот за закуп на просторот, Закупувачот односно неговиот главен изведувач на градежните работи депонира кај основачот парични средства или банкарска гаранција за да одговори на сите можни оштетувања на инфраструктурата, како и за трошоците за нивно санирање. Во зависност од големината на закупениот простор во износ:

ЗА НОВА КОНСТРУКЦИЈА
Големина на парцела износ :
2.500м2 или помалку      300.000,00 денари.
2.500м2 до 5.000м2        500.000,00 денари.
5.000м2 до 10.000м2      600.000,00 денари.
10.000м2 и повеќе           800.000,00 денари.

ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА/ДОГРАДБА
Големина на парцела износ :
За сите големини             300.000,00 денари.

а. Депозитот е во сила се додека основачот на ТИРЗ и надлежниот државен орган не издадат одобрение за користење на работа на Закупувачот.
б. Закупувачот и неговиот главен изведувач треба да го одржуваат просторот во добра состојба во текот на целиот период на изведување градежни работи согласно следните правила :
а. Градежниот отпад, редовно треба да се носи во депонии определени од надлежни органи за комунална хигиена;
б. Бојата и другите слични растворливи материјали треба да се празнат и сушат пред нивно носење на определените депонии;
в. Редовниот отпад треба да се става на определени места, предходно добро да се собере и сортира за што треба да се направи договор со основачот и ЈП за комунална хигиена;
г. За оние материјали кои можат да се рециклираат, како дрво и метални отпадоци Закупувачот и неговиот главен изведувач треба да ангажираат овластени претпријатија за рециклажа регистрирани во Република Македонија;
д. Сите транспортни возила треба да се опремени со заштитна церада за време на превозот за да се избегне можното растурање на отпадните материи ;
ѓ. Закупувачот и неговиот главен изведувач се должни сами да ја обезбедат дозволата за користење на соодветните депонии од ЈП за комунална хигиена пред да отпочнат со депонирање на отпадниот материјал;
е. Закупувачот и неговиот главен изведувач должни се да обезбедат правилно складиштење на вкупно потребниот градежен материјал во соодветни простории од времен карактер, а за останато треба да се координираат со Основачот, за да се обезбеди сигурност и безбедност во ТИРЗ според посебните Правила за сигурност и безбедност на ТИРЗ донесени од основачот;
ж. За време на работните и неработните часови Закупувачот и неговиот изведувач се должни и одговорни за обезбедување на просторот од сите аспекти. Затоа треба да ги превземат сите неопходни превентивни мерки за заштита на материјалите, работниците и посетителите од повреда или смрт (бидејќи одговорноста е во целост нивна а не на Основачот ) да постават знаменца, сигнали, светлосна безбедност (Особено ноќе) и други обележја согласно Правилата за безбедност за време на градбата во просторите во ТИРЗ. Сите работници и посетители мора да бидат снабдени со безбедносни шлемови и чевли кои ќе ги носат додека се во близина на зоните на потенцијална опасност и на местата каде што се изведуваат градежните работи.
з. На вработените не е дозволено да живеат во просторот или било каде во ТИРЗ за време на градбата, туку надвор од ТИРЗ.

4. ТОВАРАЊЕ

Член 7
1. Сите капацитети за товарење корисник на зона треба да ги лоцира во склоп на сопствениот урбанистички блок.
2. Сите места каде се врши товарењето треба да бидат во согласност со стандардите за изградба на паркиралишта и согласно Урбанистичкиот План

5. ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ

Член 8
Употребата на градежни матерјали за изградба, доизградба, реконструкција или проширување на објектите како и нивно надворешно финиширање да биде согласно Законот за градежни производи. Надворешната боја на објектите ќе биде контролирана од страна на основачот, а истите треба да се во согласност со противпожарните стандарди на Република Македонија

III. ДЕЈНОСТИ

1. ДЕЈНОСТИ КОИ МОЖАТ ДА СЕ ВРШАТ ВО ЗОНАТА

Член 9
1. Во зоната се вршат производствени и услужни дејности поврзани со извоз, научно-истражувачки дејности, складирање, банкарски и други финансиски работи, работи на осигурување и реосигурување на имоти и лица и други работи исклучиво за потребите на работењето на зоните.
Дејностите од став 1 се вршат под следните услови :

а) Деловниот потфат да е во согласност со физибилити студијата или деловниот план на основачот на зоната;
б) Потеклото и квалитетот на суровините, полупроизводите и готовите производи да можат да се утврдат и контролираат.
в) Работењето да не ја загрозува јавната безбедност, животната средина и здравјето на луѓето во зоната;
г) Корисникот на зоната да ги осигура основните средства и вработените од ризици кои произлегуваат од работењето.

2. Во ТИРЗ Скопје 1 корисникот може да врши и :
а) Складирање на стоки за свои потреби;
б) Промет на стоки на големо за другите корисници во зоната

2. ДЕЈНОСТИ КОИ НЕ СМЕАТ ДА СЕ ВРШАТ ВО ЗОНАТА

Член 10
Во Технолошко индустриската развојна зона "Скопје 1"- Скопје не смее да се врши активност поврзана со:
1. Трговија на распаднати, расипани стоки, со истечен рок или инфицирани, отпадни материи кои ја загадуваат животната средина или кои не се за човечка и животинска употреба;
2. Радиоактивни материјали, освен оние кои се потребни за индустриски, медицински и научно- истражувачки цели, одобрени од надлежните органи на Република Македонија;
3. Дроги, хемиски и биолошки материјали, хемиски и биохемиски деривати, со исклучок на оние кои се употребуваат во индустриски, преработувачки, медицински и фармацевтски цели, според сертификати издадени од Министерството за здравство;
4.Оружје, муниција и експлозив, освен стопански експлозиви;
5.Производство и услуги кои потекнуваат од земји или фирми кои се предмет на ембарга и блокади наложени од национални и меѓународни органи и власти;
6.Производство и услуги кои ги загрозуваат јавниот морал, јавната безбедност и одбраната;
7.Производство и услуги кои не се во согласност со законите на Република Македонија и на меѓународните договори ратификувани во Република Македонија кои се однесуваат на заштитата на интелектуалната и индустриска сопственост и
8.Производство и услуги кои произлегуваат од злоупотреба на одобренија, решенија, пресуди, дозволи, лиценци, права и концесии издадени од надлежен орган.

IV. ВНАТРЕШЕН РЕД ВО ТЕХНОЛОШКО ИНДУСТРИСКАТА РАЗВОЈНА ЗОНА

Член 11
1. Влегувањето и излегувањето на вработените и други лица на подрачјето наТехнолошко индустриската развојна зона е дозволено само со пропусница.
2. Заради обезбедување контрола при влегувањето, движењето и излегувањето на подра-чјето на Технолошко индустриската развојна зона, се издавааат пропусници кои можат да бидат за :
- вработените
- надворешни лица ( изведувачи на градежни и други работи за основачот или корисниците на Технолошко индустриската развојна зона );
- деловни партнери односно гости кои доаѓаат во посета во Технолошко индустриската развојна зона ;
- моторни возила кои влегуваат во подрачјето на Технолошко индустриската развојна зона;
3. Сите видови на пропусници ги издава Службата за обезбедување на Технолошко индустриската развојна зона во координација со царинскиот орган.
4. Товарните возила кои влегуваат односно излегуваат за истовар или утовар на подрачјето на Технолошко индустриската развојна зона го користат влезот односно излезот утврден во согласност со царинскиот орган.
5. За се што со овие Правила не е предвидено во делот на внатрешниот ред во Технолошко индустриската развојна зона ќе се применуваат одредбите од Правилникот за поблиските критериуми и начинот на уредување на технолошко индустриските развојни зони и Правилникот за задолжителните податоци кои треба да ги содржи записот од
задолжителната евиденција и пропишаниот образец од записот на задолжителната евиденција во технолошко индустриска развојна зона.

V. ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И ПРИРОДАТА

Член 12
1. Постапката за заштита од комунални и индустриски опасни и штетни материи во производството, употребата, транспортот, прометот, складирањето, отстранувањето, неутрализирањето и депонирањето, се врши на начин и под услови да не се доведе во опасност животот и здравјето на луѓето и опстанокот на животинскиот и расти-телниот свет, да не се загади животната средина и природата како во процесот на функцијата, така и при појава на дефекти, во согласност со мерилата и условите утврдени со закон и меѓународните конвенции и договори кои Република Македонија ги ратификувала или им пристапила.

2. За се што се однесува со заштитата на животната средина и природата, а што не е предвидено со овие Правила ќе се применуваат одредбите од прописите од областа на заштита за животната средина.

VI. ТАРИФНИК

Член 13
Корисниците-закупувачи на простор во зоната плаќаат надомест за извршени услуги од основачот согласно Тарифникот на основачот за надоместоци за извршени услуги на корисници, кој е даден во прилог и е составен дел на овие правила.

VII. ВЛЕГУВАЊЕ ВО СИЛА

Член 14
Овие Правила за условите за користење на Технолошко индустриската развојна зона - Скопје, се објавуваат во Службен весник на Република Македонија.

Дирекција за технолошки индустриски развојни зони